УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов со една кратка порака на социјалните мрежи успеа да направи забуна кај ММА фановите, откако му порача на УФЦ шефот Дејна Вајт дека „се гледаат наскоро“.
Нурмагомедов по победата над Џастин Гетџи реши да замине во пензија со 29-0 скор, велејќи дека така го исполнува ветувањето дадено на неговата мајка, но Вајт постојано инсистираше дека тоа е емотивна реакција и дека наскоро Дагестанецот ќе се врати во потера за славниот 30-0 скор.
Хабиб, неодамна, од својата татковина прати порака дека не планира да се враќа на борењето и дека има сосема поинакви планови – да ги заврши студиите по економија и да се занимава со фармерство, купувајќи овци и крави. Но, сега, со кратка порака: „Се гледаме наскоро“ со фотографија со Вајт тој прати двосмислена порака.
Според дел од фановите, се работи за признание за враќање, но од друга страна зошто би избрал фотографија со која се врти со грб кон Вајт? Приказната, дефинитивно, не е завршена.