УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов признава дека не го „разбира“ својот следен противник Тони Фергусон, но додава дека тоа нема да му пречи да го совлада во кафезот во мега-мечот во април.
Досега, четири пати претходно пресметката со врвниот конкурент во лесната категорија Фергусон беше закажувана и „пропаѓаше“ поради најразлични причини. Со секое откажување, УФЦ фановите го зголемуваа митот за „проколнатиот меч“, но сега во април во Њујорк (најверојатно) ќе се разбие овој мит.
Во интервју за „РТ спорт“, Нурмагомедов признава дека мечот е огромен.
„Ова е многу важен меч за УФЦ, за фановите, за мене, за Тони. Затоа го потпишавме договорот и се надевам дека во април конечно ќе се случи“, вели Нурмагомедов.
Фергусон има 12 победи едноподруго, низа која трае речиси осум години, и низа која еднаква на таа на Хабиб во УФЦ. Ривалството е големо, но не е одбележано со негативности како дуелот со Конор Мекгрегор, но тоа не значи дека е лесно, вели Хабиб.
„Немам ништо лично против него, знаете? Тој е голем фајтер. Не го сакам лично, не го разбирам неговиот ум, тоа како размислува, но тоа не ми е потребно. Само фокус на мечот. Кога кафезот ќе се затвори ќе ја завршам мојата работа“, додава Дагестанецот.