Светската тенисерка број 2, Романката Симона Халеп ќе ја донесе конечната одлука за учество на САД опен по турнирот во Прага, откако светската тенисерка бро ј 1, Австралијката Ешли Барти веќе реши да го прескокне американскиот гренд слем.
28-годишната двократна гренд слем шампионка би била прва носителка и прва фаворитка за титулата доколку се реши да игра на САД опен.
„Ќе одлучам по турнирот во Прага, бидејќи сите знаеме дека ситуацијата во САД е тешка. Потребно ми е да добијам чувство, да видам какви промени ќе направат организаторите на турнирот во Њујорк со патувањето и условите“, вели Халеп.
На гренд слемот сигурно ќе отсутвува актуелниот шампион Рафаел Надал, кој реши да паузира и да се фокусира на Ролан Гарос, и Роџер Федерер, кој се опоравува од повреда. Кај дамите, петторангираната Елина Свитолина од Украина и седмата носителка, Кики Бертенс од Холандија се повлекоа поради загриженост за корона вирусот.
Халеп е прва носителка во Прага, и ќе игра со Словенката Полона Херцог во првото коло.