Top Sport

Хиршер повторно го победи Кристоферсен (видео)

Марсел Хиршер продолжи да го фрустрира Хенрик Кристоферсен, победувајќи го на велеслаломската трка во Аделбоден, Швајцарија за да се искачи на третото место на вечната листа.

По лудото второ возење, Хиршер заврши за само 0.17 секунди пред Кристоферсен за своја трета велеслаломска победа оваа сезона, а во сите три трки Норвежанецот беше втор, поставувајќи интригантен дуел на Олимпијадата во Пјеонгчанг следниот месец.

„Повторно имав малку среќа“, призна Хиршер пред 31 илјади фанови на класичната швајцарска трка.

Кристоферсен се насмеа саркастично за камерите за шести пат оваа сезона да биде втор (четири пати зад Хиршер). Тој нема победа оваа сезона. Третото место го освои Французинот Алексис Пинтуро.

Со 51. победа во кариерата, 28-годишниот Хиршер го помина Алберто Томба на вечната листа и сега пред него се само Австриецот Херман Маер (54) и шведскиот великан Ингемар Стенмарк (86).

Scroll to Top