Поранешниот светски рекет број 1, Лејтон Хјуит ќе се врати на тениските терени за да настапи во двојки на домашниот гренд слем, Австралија опен во Мелбурн.
36-годишниот ветеран официјално се повлече од спортот по домашниот гренд слем во 2016 година, но се врати на терените двапати минатата година – во Дејвис купот и на Вимблдон. Сега, заедно со сонародникот Сем Грот, кој се повлекува по крајот на турнирот, ќе одигра уште еден турнир.
„Ќе биде забавно, како и секогаш на Австралија опен. Ќе се обидам навистина да уживам. Удиравме многу топчиња последните денови и нема да бидеме таму само да се појавиме“, вели Хјуит.
Тој ги освои гренд слем титулите во сингл на САД опен во 2001 и на Вимблдон во 2002 година, а во двојки го освои САД опен во 2000 заедно со Белорусинот Макс Мирни. Хјуит е актуелен капитен на австралискиот Дејвис куп.