Ватерполо репрезентацијата на Италија е вториот финалист на Светското првенство во Јужна Кореја. Италија, во второто полу-финале, славеше победа над Унгарија 12:10 (2:4, 5:1, 2:2, 3:3). За златниот медал Италијанците ќе се борат со Шпаниците кои претходно ја победија Хрватска 6:5.
Италија и Унгарија според она што го прикажаа го одиграа најдобриот меч во досегашниот тек од првенството. По една четвртина во првото полувреме им припадна на двете репрезентации, додека второто полувреме заврши нерешено. Победникот го реши фуриозната втора четвртина што ја одиграа Италијанците, кога постигнаа пет, а промија само еден гол и минусот од два, го претворија во плус од два гола. Таа предност азурите успеаја да ја сочуваат.
Италија до победата ја предводеа Еченике со четири и Франческо ди Фулвио со три гола, во унгарскиот тим по два гола постигнаа Даниел Ангјал, Ѓерго Заланки и Мартон Вамос.
Инаку, финалето в сабота ќе биде реприза на завршниот меч од Мундијалот во 1994 година, кога во Рим Италија ја победи Шпанија со 10:5. Низ историјата Италија има три (1978, 1994, 2011), а Шпанија две светски титули (1998, 2001).
Завршните натпревари на Светското првенство во Јужна Кореја на програмата се в сабота. Натпреварот за третото место помеѓу финалистите од минатиот шампионат Хрватска и Шпанија ќе се одигра од 10 часот, а големото финале помеѓу Шпанија и Италија ќе започне во 11.30 часот.