Новак Ѓоковиќ ја освои 20. Гренд слем титула во кариерата. Попладнево, до шестата титула, во своето седмо финале на Вимблдон, Србинот дојде со победата од 3:1 над Матео Беретини.
Со триумфот на Вимблдон, Ѓоковиќ се израмни со Рафаел Надал и Роџер Федерер, според бројот на освоени Гренд слем титули.
Ова повторно ќе ја покрене дебатата околу тоа кој е најдобриот во историјата. На оваа тема тренерот на Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ нема дилема.
„Сметам дека трката одамна е завршена. Прашањето е само кого повеќе го сакате. Тројцата имаат 60 Гренд слем трофеи. Тоа е неверојатно. Можеби некој повеќе го сака Федерер, некој Надал, се работи за вкусот. Јас знам кој е најдобар“, рекол Иванишевиќ и продолжил.
„И пред да започнам да работам со Ѓоковиќ знаев кој е најдобар. Знаев кој е единствениот кој може да ги освои сите четири гренд слем трофеи. Доколку го освои Ју-ес опен, тогаш трката е готова за секогаш. Но, Надал е тука, ќе продолжи да се бори. Следната година е Ролан Гарос. Тој се уште сака да се натпреварува, но Новак е најдобриот и најголемиот. Тука повеќе нема дебата“.