Top Sport

Известувачите од Вимблдон ексклузивно за Макфакс: Ига Швјонтек е поголем фаворит од Новак Ѓоковиќ

Во кратката анкета која ја направи Макфакс меѓу известувачите на тенискиот турнир во Вимблдон, очекувањата и прогнозите во најголем дел се поклопуваат и со ранкингот кој го имаат натпреварувачите пред почеток на турнирот.

За Антонело Гуерера, известувач на римска Ла Република, нема дилема дека Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ се фаворити.

„Надал може да победи во финалето, а шансите на Новак се само доколку Рафа не биде на 100 посто од својот квалитет. Се сомневам дека мојот земјак Матео Беретини може да го повтори минатогодишниот успех и да игра во финале, бидејќи имаше операција на раката и е сè уште реконвалесцент. Што се однесува до женскиот дел, Полјачката Ига Швонјтек е фаворит и е импресивна нејзината игра и низот на победи. Би било интерсено да се види каква игра ќе покаже Серена Вилијамс, после една година пауза. Таа за мене е фаворит од сенка“.

Од друга страна, за Себастијан Парела, новинар на порталот Глеј од Сантијаго де Чиле, единствен фаворит е Ѓоковиќ, зашто е гладен за победи повеќе од било кој друг, бидејќи изгубил од Надал на Роланд Гарос, а и не е сигурен дали ќе настапи на УС Опен.

„Надал може да заигра во финалето, но има тежок распоред додека стигне до таму. Тоа би било финале од сон. Кај жените Швјонтек ќе победи, бидејќи многу се одвојува од другите тенисерки. Серена Вилијамс нема шанси да триумфира на овој Вимблдон, иако сите гледаме со почит кон неа“.

И за репортерот на Радио Метро од Буенос Аирес, Даниел Миче, Ѓоковиќ е фаворит број еден.

„Надал е во добра форма, а Матео Беретини е трет фаворит за мене. Во евентуалното финале Новак-Надал, преднос му давам на Србинот. Иако нема играно на трева, кај жените Швојтек е главен фаворит, а Серена Вилијамс нема шанси, иако женскиот турнир секогаш може да има непредвидлив тек“.

Саша Озмо од порталот на Спорт Клуб од Белград, смета дека Новак Ѓоковиќ не само што е фаворит туку и жребот му е добар.

„Надал има многу потежок распоред до финалето. Покрај нив тука е и Матео Беретини, Феликс Оже и Стефанос Циципас. Алкарас е сè уште млад и без искуство. Кај жените би сакал Серена Вилијамс да направи добар резултат, но, сепак, Швојтек е главен фаворит“.

Единствената колешка на нашиот спрат од медија центарот, Вики Георгигу од специјализираниот тениски портал СДНА од Атина, убедена е дека Новак Ѓоковиќ е апсолутен фаворит и не мисли дека Надал или Беретини можат да го спречат да освои уште еден пехар на Вимблдон. Иста таква супериорност гледа и во Ига Швојтек, која не само што е најдобра, туку е и ниво над другите.

„Сепак, Серена Вилијамс за мене е тајна и секој нареден натпревар може да го игра сè подобро“.

За Хектор Нунс, новинар на Спортсмен од Лондон, вистинско чудо би било ако Новак не игра во финалето, иако и Надал е, исто така, силен, како и Матео Беретини.

„Очекувам добар меч меѓу Ѓоковиќ и Алкараз во четвртфиналето, но сè уште е рано за младиот Шпанец да го победи Новак на Вимблдон. Кај жените, Ига Швјонтек е главен канидат за победник, иако нема многу искуство на трева и уште треба да напредува. Ќе биде интересно да се види играта на Серена Вилијамс, но не очекувам да победи на овој турнир. Не би ја исклучил ни Петра Квитова. Генерално, на женскиот турнир отоврено е сè до крај“.

И според Пјотр Дабровски од Тенис Нет од Варшава сè ќе се врти околу Новак, но, исто така, тој очекува добри резултати и на Денис Шаповалов и Стефанос Циципас.

„Ако Надал има здравствени проблеми, тој би дотуркал највеќе до четвртфиналето, но, ако е во добра состојба, ќе игра и во финалето. Кај жените, како Полјак, верувам дека Швјонтек ќе биде победник на турнирот, но мора да биде внимателна. Единствени тенисерки кои се способни да ѝ се доближат на Ига се Марија Сакари, Анет Контавејт и Каролина Плишкова“.

Шпанскиот новинар Мануел Санчез, кој известува од Вимблдон за агенцијата ЕФЕ од Мадрид, оценува дека играта на Рафаел Надал е многу силна, но и смирена, добри му се тренинзите и очекува лесно да ги помине наредните рунди.

„Сите очекуваме Надал уште еднаш да победи на Вимблдон, пред да се пензионира. Што се однесува до Новак Ѓоковиќ, мислам дека Карлос Алкарас има шанси против него во четвртфиналето. Ако дојде до финале Новак-Надал сметам дека Ѓоковиќ ќе биде фаворит, но не голем“.

Ненад Живановски

Scroll to Top