Top Sport

Јакуб Јанда се повлече, ќе се посвети на политиката

Чехот Јакуб Јанда, победникот од Светскиот куп во ски скокови од 2005/06 и заеднички шампион на Четири скокалници истата сезона (заедно со Јане Ахонен), заминува во пензија со желба да се посвети на политиката.

Негов последен скок беше на првото натпреварување од Светскиот куп од новата сезона, тимското натпреварување во Висла.

„Прво сакам да се заблагодарам на сите од големото семејство на скокачи за прекрасните 21 година на Светскиот куп. Многумина мислат дека политиката е нешто ново за мене, но тоа не е вистина. Вклучен сум во политиката девет години и сега сакам да го кренам на повисоко ниво. Сега ме чека многу потешка задача. Ќе го дадам својот максимум, исто како и во скоковите. Ова беше моето последно натпреварување, но ќе помогнам за скоковите преку политиката“, вели 39-годишниот Јанда.

Јанда во кариерата оствари шест победи од Светскиот куп, од која последната на новогодишната турнеја 4 Скокалници на 1 јануари 2006 година, а на СП во 2005 година во Оберстдорф освои сребрен медал на малата скокалница и бронза на големата скокалница.

Тој учествуваше на чешките избори во 2017 и беше избран во парламентот како кандидат на Граѓанската демократска партија.

Scroll to Top