Норвежанецот Кјетил Јансурд го одбрани малиот кристален глобус во супервелеслалом во Светскиот куп, откако успеа да победи на денешната трка во Квитфјел. Јансур ја освои третата титула во супервелеслалом во последните четири години.
Норвежанецот во Квитфјел победи со време 1:33.21 минути. Тој ја забележа 21. победа во кариерата во Светскиот куп. Единствен Норвежанец кој има повеќе победи во Светскиот куп од Јансурд е Аксел Лунд Свиндал (35).
Второто место му припадна на Швајцарецот Беат Фојц (1:33.42 минути), а третата позиција ја освои Брис Роже од Франција (1:33.54 минути).
Најголемиот ривал на Јансурд во борбата за малиот кристален глобус во оваа дисциплина Свиндал не ја заврши трката.