Сѐ е јасно – зимата 2017/18 апсолутно му припаѓа на Камил Стох. Полскиот скокач го освои шестото место во Викерсунд, победи на норвешката „Роу ер“ серија, и го доби големиот кристален глобус за титулата.
На најголемата леталница на светот во Викерсунд, Роберт Јохансон „леташе“ најдалеку со скокови од 232 и 246 метри за да собере вкупно 444.3 поени за победа пред двајца норвешки сонародници – Андреас Стјернен со 438.9 (239 и 235 метри) и Даниел Андре Танде со 436.6 (231.5 и 243 метри).
Стох беше шести со скокови од 223 и 237 метри, но и тоа беше доволно вторпат во кариерата да го освои Светскиот куп, за да додаде на неверојатната сезона во која триумфираше на новогодишната турнеја „4 Скокалници“ со победи на четирите скокалници (како втор скокач во историјата), и олимпиското злато на големата скокалница, како и бронзата во тимското натпреварување во Пјонгчанг.
Сезоната од Светскиот куп во ски скокови завршува традиционално на легендарната Планица следниот викенд.