Двократната олимписка шампионка во џудо, Кајла Херисон, која е непоразена по трансферот во ММА октагонот, вели дека има боречки квалитети како кралот на лесната категорија во УФЦ, Хабиб Нурмагомедов.
Херисон стана првата американска џудо-шампионка во Лондон во 2012, а четири години подоцна ја одбрани титулата во Рио де Жанеиро. Во 2018 таа стана ММА борач, потпишувајќи со ПФЛ лигата и победувајќи во своите први пет меча. 29-годишната Херисон се смета за наследник на нејзината поранешна џудо-партнерка Ронд Раузи и сега вели дека е на исто ниво како Нурмагомедов.
„Јас сум женска верзија на Хабиб, но подобра. Хабиб е фантастичен борач, знам дека во минатото тренираше и џудо, но светот не видел борец како мене. Ми се допаѓа неговиот стил“, вели Херисон за „ЕСПН“.
Нурмагомедов своите квалитети како борач ги покажа со борба со мечка, и Херисон вели дека и таа би го повторила тој успех: „Секако, ќе биде лесно“. Следен противник за неа е новозеландската специјалистка за кик-бокс, Џена Фабијан во октомври, во меч кој ќе го одлучува финалистот на ПФЛ лигата.