Кениецот Самуел Калалеи триумфираше на 35. издание на класичниот маратон во Атина, додека неговите сонародници доминираа на нагорната патека која го следи историскиот маратон истрчан во 5. век пред нашата ера.
23-годишниот Калаеи триумфираше со време од 2:12:17, пред свои двајца сонародници – Милтон Киплагат Ротич (2:14.18) и Џонатан Кипту Јего (2:16:08). Во женската трка најбрза беше 18-годишната Етиопјанка Бедару Хирпа Бадане со 2:34:18.
Повеќе од 18.500 тркачи од десетина земји учествуваа на „автентичниот“ маратон, а уште 30.000 тркачи се обидоа на пократките трки на 5 и 10 километри во центарот на Атина.
Според легендата, 42-километарската патека од Маратон до Атина првпат ја помина Фидипид, курирот на Атина, кој во 490 година пред нашата ера истрча до Атина да го извести градот за победата над Персијците, по што почина од премореност.
Модерниот маратон се трча низ урбаните делови на источна Атина со финиш на Панатенаикос стадионот, каде што во 1896 година се одржа првата модерна Олимпијада, и претставува вистински предизвик за маратонците поради нагорната рута.