Top Sport

Касаткина и Свитолина за титулата во Дубаи

Русинката Дарија Касаткина покажува дека е подготвена за големи работи во тенисот оваа сезона, откако ја изненади втората носителка Гарбиње Мугуруза за да се пласира во финалето на Дубаи шампионатот, каде што ќе игра со Украинката Елина Свитолина.

24-рангираната Касаткина, спаси три меч-топки во одличниот втор сет за 3:6/7:6(11)/6:1 победа над светската тенисерка број 3, Мугуруза. Шпанката го освои експресно првиот сет, по што во вториот нејзината противничка остана упорна и примора тај-брејк, во кој спаси три меч-топки. По ова, три брејка во третиот сет беа доволни за импресивна победа.

„Имав многу среќа во тај-брејкот. Гарбиње е фантастична тенисерка и беше многу, многу тешко. Немам време за одмор, бидејќи утре веднаш е финалето“, вели 20-годишната Касаткина, која има пет победи над топ 5 тенисерки во последните осум дуели.

23-годишната Свитолина пак, успеа со 6:3/6:3 да ја „збрише“ Анџелике Кербер во второто полуфинале, за да има пет победи во низа над Германката. Свитолина е актуелна шампионка на турнирот.

Scroll to Top