Top Sport

Костелиќ не мирува – ќе помине 600 километри во Норвешка и Исланд (видео)

Поранешниот шампион од Светскиот куп во алпско скијање, Хрватот Ивица Костелиќ се пензионираше од спортот, но очигледно не може да „седи мирен“, откако реши да направи неверојатна експедиција во Норвешка и Исланд.

38-годишниот Костелиќ ќе патува на скии заедно со нордискиот скијач Еди Дадиќ, двапати по 110 километри во Норвешка, а потоа уште 400 километри на Исланд. Ова не е првпат Хрватот да има ваква авантура – минатата година заедно со Словенецот Миха Подгорник беше на 18-дневно „преживување“ на Гренланд, кое заврши со тоа што на Подгорник му беше ампутиран дел од прстот.

„Во Норвешка не чекаат двапати по 110 километри без цивилизација, додека во Исланд до следното место каде што можеме да се снабдиме е 400 400 километри. Почнуваме со Норвешка, бидејќи таму имаме лесен излез – да се свртиме и да се вратме дома. Во Норвешка ќе бидеме на висорамнината Хардагенвид, каде што има полигон за подготовка на поларните експедиции, како таа на Роалд Амундсен пред да го освои Антарктикот.

Освојувачот на четири олимписки сребра на скии, Костелиќ признава дека дел од мотивацијата и инспирацијата за подвигот дојде од неговата сопруга Ерин, која е Исланѓанка.

„Мојата сопруга најмногу ми помага за овие експедиции. Пред тргнувањето заедно ја планираме храната и пакувањето, а во текот на експедицијата ги следи временските услови и ми јавува. Како и секоја сопруга, и таа би сакала повеќе да сум дома, но ја сфаќа мојата потреба за авантура. Не случајно ми е сопруга“, додава Костелиќ.

Scroll to Top