Рускиот нордиски скијач Александер Легков вели дека ќе се бори да го „исчисти“ своето име откако доби казна за допнингување за Олимпијадата во Сочи во 2014 и доживотна суспензија од Олимпијадите минатата недела.
Легков, заедно со сонародникот Евгениј Белов беа првите Руси кои добија казна за прекршување на анти-допинг правилата преку информациите добиени од извештајот на Ричард Мекларен.
Легков освои злато на 50 километри слободно и сребро на 4х10 километри штафетата во Сочи.
„Мојот медал е чист. Ќе се борам. Последните години бев тестиран повеќе од 150 пати и бев чист. Не бев тестиран во Москва или Сочи, туку во Келн, Лозана, Дрезден. Сите мораме да ги почитуваме правилата, но мораме да бидеме фер. Секој спортист може да биде во мојата ситуација“, напиша Легков во долг пост на Инстаграм.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) не посочи каков прекршок направиле Легков и Белов, туку објасни само дека нема да можат да настапат на ниту една Олимпијада. ИОЦ ги ре-тестира сите примероци на руските спортисти од Игрите во 2014 година, а следниот месец мора да донесе одлука дали воопшто да им дозволи на руските спортисти настап на ЛОИ во Пјеонгчанг, Јужна Кореја во февруари.