Легендарниот поранешен шампион во тешка категорија, Ленокс Луис го убедува неговиот британски сонародник Тајсон Фјури да не се пензионира од боксот и наместо тоа да го повтори неговиот успех и да стане апсолутен шампион.
Фјури вчера во шестата рунда го „патосираше“ Дилијан Вајт за одбрана на ВБЦ титулата, инсистирајќи дека тоа му е последниот меч. Олександер Усик и Ентони Џошуа во јули ќе го имаат вториот меч во кој Украинецот ќе ги брани ИБФ, ВБО и ВБА титулите и Луис смета дека Фјури мора да боксува со победникот.
Луис е последниот апсолутен шампион во тешка категорија, кога ги обедини ВБА, ВБЦ и ИБФ трофеите по победата над Ивандер Холифилд во 1999 година, период во кој ВБО титулта не беше сметана за „голема“.
„Ќе разберам ако не сака повторно да боксува, тој работеше напорно цел живот и вети на сопругата дека ќе престане. Но, мислам дека ќе се врати во рингот. Јас сум уште последниот апсолутен шампион и тој мора да го повтори тоа. Ќе се врати со меч против кој ќе биде подобар од Усик и Џошуа. Тоа би било совршено“, вели Луис.