Top Sport

Малер! Го украдоа Тур де Франс трофејот на Герант Томас

Трофејот од Тур де Франс кој оваа година го освои велосипедистот на Тим Скај, Герант Томас е украден на велосипедско шоу во Бирмингем, потврдија од тимот.

Трофејот бил позајмен на славниот производител на велосипеди „Пинарело“, и бил изложуван на повеќе места низ Британија со другите големи титули на Скај, но откако бил оставен без стража во „НЕЦ“ арената во Бирмингем, некој се „послужил“.

„Несреќа! Без да се каже, тој трофеј има мала вредност за тој кој го земал, но за мене и за мојот тим е бесценет. Се надевам дека ќе има желба да се врати. Трофеите се важни, но од друга страна сеќавањата од неверојатното лето никој не може да ми ги одземе“, изјави Томас.

Генералниот директор на „Пинарело“, Ричард Хемингтон вели дека одговорноста е кај нив.

„Ја прифаќаме целата одговорност и јас лично му се извинив на Герант. Се надевам дека ќе го најдеме трофејот“, вели Хемингтон.

Томас ја освои шестата Тур де Франс титула во последните седум години за Тим Скај. Ова беше четврта голема победа за тимот откако Крис Фрум победи на Тур де Франс и Вуелта Еспања минатата година, пред да ја освои титулата од Џирото оваа сезона.

Scroll to Top