Некогашниот прв светски тениски рекет – Британецот Енди Мареј доби специјална покана за настап на Австралија опен 2022. Тоа ќе е негов прв настап во Мелбурн уште од 2019 година кога соопшти дека тоа може да е неговиот последен турнир во кариерата.
„Навистина сум возбуден што се враќам на Австралија опен. Имав некои убави моменти играјќи пред неверојатната публика во Австралија, и одвај чекам пак да излезам на терен во Мелбурн парк“ изјави 34-годишниот тенисер кој моментно е 134. на АТП листата.
Директорот на турнирот, Крег Тајли рече дека вајлд картата за Мареј не била тежок избор.
„Енди е познат по својот борбен дух, страст и љубов кон играта“ истакна Тајли.
Шкотланѓанецот петпати досега играл финале на АО, четирипати губеше од Новак Ѓоковиќ, а еднаш од Роџер Федерер.