Некогаш најдобриот тенисер во светот, Енди Мареј, откако денес објави дека нема да настапи на турнирот во Бризбејн, изјавил дека за неколку дена ќе објави дели ќе настапи на првиот гренд слем во сезоната, Австралија опен.
Британецот, поради проблемите со колкот, последниот официјален меч го одигра во четврт-финалето на Вимблдон. Поради долгата пауза, тој назадуваше на АТП-листата, каде што во моментот е на 16. место.
Поради колкот, тој одлучи да се повлече од турнирот во Бризбејн, кој требаше да му биде генерална проба за настап на Австралија опен.
„Најпрвин сакам да им се извинам на организаторите на турнирот во Бризбејн бидејќи доцна ги известив дека нема да настапам. Им се извинувам и на сите оние што сакаа да дојдат да ме гледаат како играм (или губам). На тренинзите во Бризбејн играв сетови со врвни играчи и ми стана јасно дека не сум на нивото на кое сакам да бидам. Поради тоа, морам да ги разгледам опциите со кои располагам“, напишал Мареј.
„Очигледно е дека една од опциите е да продолжам со рехабилитацијата. Една од опциите е и операција, но шансите да биде успешна не се толку високи колку што јас сакам да бидат. Поради тоа, добро ќе размислам дали ќе заминам на операција. Краткорочно ќе останам уште неколку дена во Австралија за да видам како колкот ќе реагира. До почетокот на викендот ќе решам дали ќе останам или ќе заминам дома“, стои во соопштението на шкотскиот тенисер.
Мареј од четврт-финалето на Вимблдон има одиграно само два егзибициски меча, во Глазгов против Федерер и во Абу Даби против Баутиста.
Првиот гренд слем во сезоната, Австралија опен, ќе започне на 15 јануари, а титулата ќе ја брани Роџер Федерер.