Можноста да видиме британска пресметка во тешка категорија меѓу Ентони Џошуа и Тајсон Фјури е минимална, откако агентот на Џошуа, Еди Херн вели дека е „невозможно“ да се организира поради барањата на Фјури.
Фјури нема боксувано откако го совлада Владимир Кличко во ноември 2015 година, но поранешниот апсолутен шампион неодамна доби дозвола да се врати во рингот по проблемите со депресијата и кокаинот. Тој повторно тренира, и најавува дека сака да ги врати појасите кои ги загуби, а вчера изјави дека договор со Џошуа би бил супер-меч со многу пари, но со поделба 60-40.
Херн, вели дека мечот е невозможен, бидејќи покрај барањето за 60 отсто од парите, Фјури бара да ги бира соблекувалните, и да излезе втор во рингот, иако тоа е чест која им припаѓа на шамионите.
„Навистина не може да се направи тој меч. Не сме ниту блиску до договор. Фјури е предизвикувач за титулата, но има вредност која носи во мечот, бидејќи беше шампион. Не знам зошто зборуваме за ова – тој прво треба да покаже дека е подготвен да влезе во рингот. Мислам дека ова е само тактика на одложување, бидејќи тој сака време. Би бил скршен ако сега влезе во рингот. Фјури е тежок противник, но не може да се натпреварува со Џошуа“, вели Херн.