Данил Медведев призна дека му се допаѓале повеќето нови правила кои се тестираат на „Некст џен“ финалето во Милано, но апсолутно не се согласува гледачите да можат да се движат меѓу поени.
Во првиот меч на турнирот за најталентирани тенисери до 21 година, Медведев ја доби руската пресметка со Карен Хачанов со 2:4/4:3(8:6)/4:3(7:3)/4:2 во два часа игра во Милано.
Меѓу новите правила кои се тестираат во Милано се отсуството на линиски судии, користење на „соколово око“ на сите поени, игра во пет сета со тај-брејк на 3:3, 25 секунди за удар, дозвола за помош од тренерот на крај на секој сет и дозволено движење на гледачите меѓу поени. Последното не го импресионираше Медведев.
„Беше одлично што имаше многу публика, а уште подобро што играв против мојот добар пријател Карен првпат на АТП турнејата. Ми се допаѓаат повеќето правила, но тоа што публиката може да се движи меѓу поените, тоа е навистина премногу“, вели Медведев.