Освојувањето на првото место на АТП листата е речиси невозможно додека Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал се на тениските терени, вели руската тениска ѕвезда Данил Медведев по најголмиот успех во кариерата, освојувањето на АТП финалето во Лондон во неделата.
Медведев во моментов е на 4. место на АТП листата со 8.470 поени, Ѓоковиќ е прв со 12.030 поени, а Надал е втор со 9.850 поени.
„Долг е патот до првото место на АТП листата. Морате да ја завршите сезоната подобро од другите, а понекогаш за тоа се потребни 8 илјади поени, а понекогаш ниту 12 илјади не се доволни. Ќе биде многу тешко да се оствари тоа додека Рафа, Роџер и Новак играат на теренот, но ќе го дадам максимумот“, вели Медведев.
Русинот имаше фантастичен финиш на сезоната, освојувајќи ја првата титула на Мастерсот во Париз, откако претходно стигна до полуфинале на САД опен, каде што загуби од Доминик Тим, тенисерот кој го совлада во финалето во Лондон.