Британскиот боксер Ешли Теофан, кој осум години боксуваше и тренираше покрај Флојд Мејведер Јуниор, ја откри „другата страна“ на боксерската суперѕвезда и неговата дарежливост кон другите боксери.
42-годишниот Мејведер направи име со покажувањето на своето лудо богатство, од фотографиите со купишта долари, до скапите колекции на автомобили, часовници и други луксузни работи. Неговото богатство се проценува на 800 милиони долари, но лондончанецот Теофан, кој работеше под „Мејведер промоушнс“ од 2013 година, вели дека боксерот троши од своите пари за да им помогне на групата боксери кои се околу него, им ги плаќа станарините, и дури им купил автомобили – Теофан добил Крајслер 300 (околу 35.000 долари).
„Тој не требаше да потпише со мене, јас влегов во неговата вежбална и откако се сретнав со него, дознав дека тој знае сè за мене и за моите мечеви. Ми кажа дека сака да ми помогне и го направи тоа. Ми купи автомобил да го користам во Вегас. Тој подарува многу пари за добротворни цели, но тоа никој не го кажува. Имаше момци кои не можеа да си ја плаќат станарината, и тој ги покриваше сите трошоци. Не му е грижа што мислат новинарите за него, но многу момци му должат многу“, вели Теофан.
Теофан се бореше за ВБА титулата во супер-лесна категорија во 2016 година против Адријан Бронер, а беше дел од три пред-меча на Мејведер.