УФЦ мега-ѕвездата Конор Мекгрегор го обвини шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов дека покажува „непочитување“ на неговиот претседател Владимир Путин, откако Русинот ја коментираше фотографијата на Ирецот со Путин на финалето на СП во фудбал.
Мекгрегор беше поканет на финалето на „Лужники“ на 15 јули како гостин на Путин, и двајцата го гледаа 4:2 триумфот на Франција над Хрватска, по што Мекгрегор се пофали со фотографија на Инстаграм во која велеше дека е во присуство на „еден од најголемите лидери на нашето време“.
Како одговор, Хабиб, кој исто така беше на финалето, но не доби шанса да се фотографира со Путин, се пошегува со фотографија со имитатор на Путин во Москва. Пред УФЦ229 и пресметката на двајцата, тие првпат се соочија на прес-конференција во Њујорк и Хабиб доби прашање како се чувствувал кога ја видел фотографијата на Мекгрегор и Путин.
„Не чувствувам ништо, бидејќи никогаш не трчам да се сликам со некого. Не е важно дали е претседател или некој друг“, почна Хабиб.
„Дали ти не го почитуваш твојот претседател Владимир Путин? Што мислиш со тоа!“, влета Мекгрегор.
Мекгрегор, кој потпиша нов богат договор со УФЦ за уште шест меча, потоа вети дека на 6 октомври во Лас Вегас ќе го порази Хабиб „во име на рускиот народ“.