УФЦ шампионот во тешка категорија, Американецот со хрватско потекло, Стипе Миочиќ вели дека предвидува иста завршница во римечот со „Ѕверот“ Френсис Нгану, иако Камерунецот е фаворит кај обложувалниците.
Миочиќ и Нгану ќе се пресметаат во главниот меч на УФЦ 260 на 27 март во реванш на мечот од пред три години, кога Миочиќ ја одбрани титулата во пет рунди.
„Френсис е многу опасен човек, сите по ред ги нокаутираше, но за жал мора повторно во кафезот со мене. Тоа е лошата вест за него. Да, тој е подобар од пред три години, но и јас сум. Постар сум, но имам и нови трикови, иако велат дека старите кучиња не можат да се научат на нови трикови. На крајот, резултатот ќе биде ист – ќе излезам со појасот“, вели Миочиќ.