Некогаш најдобрата тенисерка во светот, Амели Морезмо, предлага промена на форматот на Гренд слем турнирите. Таа смета дека на најголемите турнири и мечевите во женска конкуренција треба да се играат во пет сетови.
„Предлагам и жените да играат во пет сета, за почеток тоа нека важи само за финалните мечеви“, рекла Морезмо.
„Често имаме можност да гледаме мечеви во еден правец. Мислам дека кога би се играло во пет сетови, тогаш и тенисерките би добиле можност да покажат нешто повеќе. Зошто пет сета да не се играат и во полу-финалето. На тој начин женскиот тенис би добил нова димензија“, рекла 42-годишната Французинка.
Амели Морезмо во кариерата освоила две Гренд слем титули, во 2006 година победила на Австралија опен и Вимблдон. Морезмо во 2015 година влезе во тениската Куќа на славните.