Top Sport

Муфа-Жанде со деби победа на отварањето на викендот во Венген (видео)

Француската доминација во трките во алпска комбинација од Светскиот куп продолжи, откако Виктор Муфа-Жанде стигна до својата прва победа во кариерата со триумфот на трката во швајцарскиот Венген.

Французинот беше само 27. по спустот, но доминираше во слаломскиот дел од трката за да победи со време од 2:35.29 пред руското изненадување, Павел Трихичев, за кого ова е најголем успех во кариерата. Австрискиот специјалист за спуст, Винсент Крихмаер беше лидер по спустот, но не успеа да го заврши слаломот, оставајќи му на италијанскиот ветеран Петер Фил да го комплетира подиумот, додека Норвежанецот Кјетил Јансруд беше четврти.

Со победата на 28-годишниот Муфа-Жанде, Франција сега има 8 победи во последните 13 трки во алпска комбинација. Главниот фаворит, Алексис Пинтуро ја прескокна трката за да може да се подготви за неделниот слалом.

Во сабота пак, на програмата во Светскиот куп е класичниот спуст во Венген.

Scroll to Top