Кам-бекот на Серена Вилијамс на ВТА турнејата по раѓањето на нејзината ќерка ќе биде најголемиот предизвик кој го имала во нејзината кариера, но таа може да биде во топ-форма за време на Ролан Гарос, вели нејзиниот тренер Патрик Муратоглу.
Вилијамс, која ја освои својата 23-та гренд слем титула на минатогодишниот Австралија опен, пред да паузира од тенисот, се повлече од овогодишниот турнир во Мелбурн откако не беше доволно подготвена за враќање. Таа играше за САД во Фед купот минатиот месец и оваа недела треба да настапи на Мастерс турнирот во Индијан Велс.
„Серена има 36 години, само што имаше дете, паузираше повеќе од цела година… Така, да, ова сигурно е нејзиниот најголем предивик во кариерата“, вели Муратоглу.
Вилијамс во 2012 година се врати по операцијата за тромбот во белите дробови, но се врати на првото место на ВТА листата. Таа откри дека имала втор тромб при раѓањето на нејзината ќерка Алексис во септември.
„Таа ќе биде подготвена за Франција опен. Дотогаш ќе се врати во натпреварувачка форма и целта ќе биде да се освојуваат гренд слем титули. Таа знае дека мора да биде трпелива, но очекувањата се големи. Има уште три гренд слема оваа сезона. Тоа се трите главни цели во 2018“, објаснува Муратоглу.
Фото: ЕПА