Рафаел Надал вели дека за него е невозможно да биде повеќе мотивиран за првиот гренд слем од сезоната, кој почнува во понеделник во Мелбурн, и покрај големиот број на трофеи во кариерата.
Шпанецот лани загуби во финалето на Австралија опен од Роџер Федерер, но тоа беше само почеток на блескавата сезона во која освои два гренд слема (Ролан Гарос и САД опен) и заврши на првото место на АТП-листата. Сепак, крајот на годината не беше најдобар за Надал, откако го повреди коленото.
Надал игра против Виктор Естрелја Бурхос од Доминиканската Република во првата ноќна сесија на арената „Род Лејвер“.
„Невозможно е да бидам повеќе мотивиран. За мене на Австралија опен ако не си доволно мотивиран, најверојатно не го сакаш овој спорт“, изјави Надал, кого ако стигне до финалето го чека нова потенцијална пресметка со Федерер.
Ова ќе биде и нов старт во кариерата на Надал, бидејќи првпат во тренерскиот „бокс“ нема да биде неговиот чичко и ментор, Тони Надал, туку сега ќе работи само со Карлос Моја.
„Сега, тој учествува во подготовките колку што сака. Знаете, тој ми е чичко. Многу повеќе од било што друго. Сè што сака да прави со мене, јас сум задоволен. Тука нема професионален однос, туку семеен однос“, додава Надал.