Откако Роџер Федерер потврди дека нема да игра на Мастерсот во Париз, Рафаел Надал има голема шанса да ја заврши годината како светски рекет број 1 првпат од 2013 година.
Федерер и Надал ги освоија сите четири гренд слем турнири оваа година, откако Шпанецот победи по 10. пат на Ролан Гарос и третпат на САД опен, и сега му е потребна само една победа за да го обезбеди првото место на АТП-листата на крајот на годината по четврти пат.
Надал игра со Кореецот Хјеон Чунг во второто коло, откако тој со 6:0/6:2 го победи Миша Зверев, и има шанса да се израмни со Џон Мекинро, Иван Лендл и Новак Ѓоковиќ со четири први места. Федерер и Џими Конорс пет пати имаат завршувано на првото место, а Пит Сампрас е рекордер со шест први места.
„По победата во Шангај и во Базел, нормално дека Роџер ќе се одлучи да се повлече од Париз, поради неговото тело и подготовките за Лондон. Јас како и секогаш сум тука да го дадам мојот максимум. Ова е можеби најважниот град во мојата кариера“, изјави Надал на прес-конференцијата пред турнирот.
И покрај 10-те титули од Ролан Гарос, Надал никогаш нема победено на мастерсот во Берси, и сега може да го помине Новак Ѓоковиќ според бројот на Мастерс 1000 титули – двајцата имаат по 30.
„Видете. Ми треба победа на еден меч. Но, тука сум да победам на повеќе мечеви, исто како на било кој друг турнир. Сезоната не е завршена и имаме работа“, вели Надал.