Top Sport

Неуништливиот Касаи се подготвува за Пекинг 2022!

Легендата на скијачките скокови, Нориаки Касаи немаше најдобар настап на Олимпијадата во Пјонгчанг, по што пола на шега изјави дека ќе се подготвува за следниот голем настан за четири години.

45-годишниот Касаи првпат настапи на Олимпијада во Албервил, Франција во 1992 година, а во Пјонгчанг настапи на осмата Олимпијада, со што се израмни со Австриецот Хуберт Раудашл (едрење) и Летонецот Афанасиј Кузминс (стрелаштво), и пред него е само Канаѓанецот Јан Милар, кој 10 пати беше олимпиец во коњички спортови.

Касаи најавува дека во Пекинг во 2022, кога ќе има 50 години, планира да оди на медал.

„Не учествувам на ниту едно натпреварување само да сум таму, туку одам на злато. На Олимпијадите ги имам сите медали освен златото и сакам да ја комплетирам колекцијата. Уште можам да скокам и не сум ‘готов’“, изјави Касаи.

Касаи освои тимско сребро со Јапонија во Лилехамер во 1994 и бронза во Сочи во 2014 година, додека во Сочи освои и индивидуално сребро. Покрај тоа, тој е светски шампион во скијачки летови од 1992 година. Во Пјонгчанг беше 21. на малата и 33. на големата скокалница.

Scroll to Top