Винченцо Нибали вели дека не е заинтересиран да ја добие титулата од Вуелта Еспања со дисквалификација на Британецот Крис Фрум по неговиот позитивен тест на салбутамол на трката во септември.
Популарниот Италијанец со прекар „Ајкула“ заврши како втор зад Фрум, кој стана само третито велосипедист кој победил на Тур де Франс и Вуелта во иста сезона. Минатата недела, УЦИ објави дека примерокот урина на Фрум од 18. етапа има двојно повеќе од дозволеното ниво на салбутамол по што побара објаснување од Британецот. Тој тврди дека ова не е позитивен тест и доказ за мамење.
Ако УЦИ одлучи дека постои прекршок, покрај суспензијата од најмалку две години, на Фрум ќе му биде одземена и титулата од Вуелта. Со ова 33-годишниот Нибали би ја добил петтатата голема титула, но тој вели дека тоа би била „празна“ победа во споредба со 2010 година, кога ја освои трката првпат.
„Не ми се случило претходно, така што не знам какво би било чувството. Знам дека го дадов максимумот да бидам на врвот, но не победив. Не сум заинтересиран за ваква победа. Верувам во правила и регулативи и знам дека властите ќе направат нешто за да се заклучи случајот, но емоциите на победа нема да бидат почувствувани. Затоа воопшто не ме интересира“, вели Нибали.
Сепак, Италијанецот вели дека сите знаат каде е границата на дозволеното.
„Астма, алергии… Фрум кажа дека земал салбутамол за астмата, но и јас имам проблем со алергијата на полен и знам каде да застанам. Ако постојат граници, тие се тука поради причина“, вели Нибали.