Top Sport

Ноле ги поздрави Македонија, најави скора посета на Охрид и пријателски меч со Калин Ивановски

Новак Ѓоковиќ, ексклузивно за Макфакс и Топспорт, по освоениот Вимблдон
Од Вимблдон, Лондон, Ненад Живановски

На завршната, победничка прес конференција на Новак Ѓоковиќ, тој одговори и на две прашања на известувачот на Макфакс и Топспорт, Ненад Живановски.
– Со оглед дека најави дека од утре си на одмор, дали може да се надеваме ова лето да те видиме во Охрид, со оглед дека во Македонија сè уште не си бил, а твоите навивачи со нетрпение те очекуваат, особено после денешната, нова, седма, титула на Вимблдон.
„Се надевам дека многу скоро ќе ја посетам Македонија, и тоа ми е во план. Не знам дали тоа ќе биде сега одма, во наредните недели, но во план ми е дефинитивно. Би ги поздравил моите драги браќа и сестри од Македонија. Имам неколку пријатели од Скопје, кои постојано ми праќаат фотографии од Скопје и од Охрид и ми праќаат поддршка. Пред две години зборував и со Претседателот на Македонија да го одиграме Адриа Тур и во Македонија, но, за жал, поради короната сèсе заврши како се заврши. Но тоа не значи дека нема да се игра во иднина и во Македонија. Би сакал да играм во Скопје. Сум бил во Македонија како многу малечок, одамна не сум бил и би сакал да одиграм партија тенис со новата надеж на македонскиот тенис Калин Ивановски. Калин е одличен, го гледам, го следам. Високо момче, добро момче, има одлична игра. Ќе го повикам на некои мои тренинзи во Белград, да изградиме некаков однос, за да му помогнам за да се домогне до некои тениски височини. И се надевам дека во тоа ќе успеам. Исто така, мојот чичко многу добро го познава неговиот татко Александар“.

Второто прашање се однесуваше на изјавата на Новак дека сè уште има мотив да игра тенис и не знае уште колку години ќе игра, така што од новинарот на Макфкас беше направена една занимлива паралела.

– Ноле, пред точно седум дена,во овие часови, Ролингстонс одржаа концерт овде во Лондон, на Хајд Парк, и нивниот официјален концертен фотограф,Бранислав Рашиќ, ми рече дека Мик Џегер никогаш не изгледал подобро на сцена од сега. Со оглед дека ти сè уште си гладен за победи и освојување гренд слемови, дали може да очекуваме и тенисот да добие свој Мик Џегер?

„Се надевам дека половина од кариерата на Мик Џегер ќе можам да имам, бидејќи тешко е да се очекува и во седумдесетите години да играм тенис. Можам да свирам и да пеам до тие години, но не и да играм тенис. Меѓутоа, немам некој лимит, ниту сакам да го имам, ниту сакам некој тоа да ми го наметнува. Тоа сите во мојот тим го знаат и тоа е забранета тема,за која не смее да ме праша никој уште колку време ќе играм или да ми наметнува негово мислење. Едноставно, ме оставаат јас тоа да го направам колку сакам и колку имам желба тоа да трае. А сигурно би требало уште да трае, кога сè уште освојувам гренд-слемови. Зошто би застанувал сега?!

Scroll to Top