Според весникот „Хералд Сан“ од Мелбурн, српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ ќе добие статуа на стадионот на кој се одржува „Австралија Опен“. Оваа желба ја најави и Крег Тајли, директор на првиот Грен слем во сезоната, а причината е логична – Ѓоковиќ е рекордер на турнирот со десет титули.
– Ѓоковиќ тоа го заслужува – истакна Тајли.
Комплексот Мелбурн Парк, веднаш до арената Род Лејвер, има серија статуи на различни великани на играта, главно локални. Секако, подвизите на Ѓоковиќ на овој турнир ги надминуваат сите национални граници, па логично е тој да биде на ваков начин почестен.
Пред неколку години се појави веста дека главниот стадион ќе го носи името на Новак Ѓоковиќ, но се покажа дека е лажна вест, особено што го носи името на најдобриот австралиски тенисер на сите времиња, Род Лејвер.
Сеуште не е познато кога ќе биде поставена статуата на Ѓоковиќ, дали – како во случајот на Надал – ќе почека да ја заврши кариерата или ќе биде поставена додека тој се уште игра.