Top Sport

Ново класично финале Федерер-Надал

Роџер Федерер се врати од сет негатива за да го совлада Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро со 3:6/6:3/6:3 за пласман во финалето на Мастерс турнирот во Шангај, каде што в недела ќе се судри со својот стар ривал Рафа Надал, кој претходно го победи Марин Чилиќ.

Иако имаше сомнежи дека Дел Потро ќе се повлече од мечот поради незгодниот пад на левата рака во полуфиналето,  29-годишниот Аргентинец имаше подобар старт, и еден брејк беше доволен тој да стигне до водство од 1:0 во сетови. Меѓутоа, швајцарскиот „Маестро“ тогаш го крена нивото на игра и не се соочи со ниту еден брејк-поен во следните два сета за да стигне до седмото финале во 2017 година.

Во тринаесет години старото ривалство Федерер-Надал, двајцата се сретнале дури 37 пати, а Надал има далеку поголем успех од 23 победи во споредба со 14-те на Федерер. Сепак, во последната пресметка, во финалето на Мастерсот во Мајами во април, Федерер стигна до победа и трофеј, слично како и во финалето на Австралија опен во јануари.

Двајцата тенисери оваа година неочекувано доминираат во светот на тенисот – Федерер победи во Австралија и на Вимблдон, додека Надал триумфираше по 10. пат на Ролан Гарос и на САД опен.

Scroll to Top