УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов го објасни планот за ри-меч со Конор Мекгрегор, велејќи дека Ирецот прво треба да си „ја заработи“ привилегијата за меч со руската суперѕвезда.
Зборувајќи на „Синерџи“ форумот во Санкт Петербург, Хабиб изјави дека сака следниот меч напролет да се оддржи на „Газпром арената“ во поранешната руска престолнина, домот на Зенит Санкт Петербург.
„Ќе биде во март или април, сакам голема арена, а единствена на отворено е ’Газпром арената’, така што тоа е целта. Во моментов не сум подготвен да се ракувам со Мекгрегор. Сите прават грешки, нема совршени луѓе. Но, кога некој продолжува да се однесува вака, тоа значи дека е во неговата природа. Неодамна видовме како тепа 70-годишен човек. Тоа покажува недостаток на морал. Додека не го сфати тоа, нема да се ракуваме. Треба да се извини“, вели Нурмагомедов.
Тој додава дека нема што да докажува против Мекгрегор, туку бара „повреден ривал“.
„Од чисто спортски аспект, ривалството со Мекгрегор е минато. Немам што да докажувам, за разлика од него. Има многу бизнисмени тука и мислам дека повеќето би ми советувале да влезам во октагон со него, бидејќи ќе ми донесе многу пари. Но, прво треба да ги победам сите сериозни ривали. Тони Фергусон, на пример, го заслужува мечот повеќе – има 12 победи во низа. Конор треба да се врати и да престане да тепа старци. Потоа ќе разговараме“, додава Хабиб.