Рони О’Саливен вели дека главната цел му е да го израмни рекордот на Стивен Хендри од седум светски титули, додавајќи дека е доволно добар за да биде победник на големите турнири и на 50 години.
О’Саливен го „збриша“ Греем Дот во второто коло на Велшкиот опен во Кардиф, покажувајќи фантастична форма против светскиот шампион од 2006 година, за да се доближи до својот петти ранкинг-трофеј оваа сезона и покрај неговите 42 години.
Тој ќе биде фаворит да освои шеста светска титула на „Крусибл“ во мај, со што ќе се израмни со рекордите на Стив Дејвис и Реј Рирдон, но вели дека нема зошто да губи надеж дека може да стане најдобриот на светот.
Ако успее да победи оваа година, тој ќе биде првиот снукер играч со над 40 години со светска титула по Рирдон, кој имаше 45 кога последен пат победи во 1978 година. Хендри се пензионираше на 43 години во 2012 година, но „Ракетата“ нема такви планови.
„Мислам дека би можел да победувам и кога ќе имам 50, само ако имам добро темпо. Би сакал да освојам уште две титули во следните осум години пред да наполнам 50. Сакам да уживам во мојот живот и да останам во добра форма. Затоа не одам на секој турнир како другите момци. Дел од нив ми изгледаат ‘изгорено’ поради тоа. Додека тие ‘горат’, јас ги полнам батериите“, вели О’Саливен, кој има освоено 525.500 фунти оваа година.