Роџер Федерер по осми пат го крена трофејот на својот домашен турнир Базел Индорс, откако по супер-битка од два и пол часа се врати од сет негатива за 6:7(5)/6:4/6:3 победа над својот стар познаник, Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро.
До победата Швајцарецот не дојде лесно, а дури имаше и еден некарактеристичен момент, во кој тој со рекетот удри во мрежата при 2:1 во првиот сет, губејќи ја контролата на емоциите.
За 36-годишниот Федерер ова е седма титула во фантастичната 2017 година, во која победи на два гренд слем турнири, Австралија опен и Вимблдон. Исто така ова му беше петта победа во последните шест мечеви против Дел Потро и сега има 18-6 скор против фантастичниот Аргентинец, кој останува во игра за пласман на АТП финалето, но само со добар настап на Мастерсот во Париз, последниот регуларен турнир кој почнува утре.
Федерер следува можноста да го преземе првото место на АТП-листата од својот најголем ривал, Рафаел Надал. По победата тој сподели момент со момчињата и девојчињата кои ги собираат топчињата, доделувајќи им медали – неговата кариера започна на овој турнир, каде и самиот беше помошник.
Тој го доби осмиот трофеј од турнирот во родниот град од велосипедската легенда Фабијан Канчелара.
„Честитки на Хуан Мартин за фантастичниот турнир и прекрасно е да се види како повторно игра секоја недела“, изјави Федерер.
Ова е 95. титула во кариерата за Федерер, со што го помина Иван Лендл и сега е втор на вечната листа зад апсолутниот рекордер Џими Конорс, кој има 109 титули. Федерер исто така го помина и Новак Ѓоковиќ како тенисер со најголема заработувачка во тенисот со чекот од 850.000 евра и сега има 110 милиони долари само од наградните фондови.