Шампионот во осум тежински категории, Мани Пакјао ќе се врати во рингот на 19 јануари, но не против посакуваниот ривал Флојд Мејведер Јуниор, туку против неговиот американски сонародник Адриен Бронер, откако преговорите за ри-меч со Мејведер „пропаднаа“.
Двајцата боксери ќе се борат за ВБА титулата во велтер категорија на Филипинецот Пакјао во Лас Вегас на 19 јануари. 39-годишниот Пакјао ќе има голем предизвик против поранешниот светски шампион, кој на стартот на кариерата беше промовиран како наследник токму на Мејведер.
„Сакам да докажам дека мојата кариера продолжува и дека можам да ги забавувам луѓето и да им дадам добро шоу на 19 јануари. Секогаш во мојата кариера сум сакал пресметки со најдобрите на светот и Бронер е еден од нив“, изјави Пакјао, кој во последниот меч се врати со првиот нокаут по девет години над Лукас Матис во јули.
Бронер има титули во четири различни тежински категории, но честопати го мачеа дисциплината во и надвор од рингот. Тој го победи Џеси Варгас во април во својот последен меч.
„Работите кои ги направи Мани се неверојатни и можам да зборувам што сакам, но на 19 јануари морам да бидам на највисоко ниво. Но, нема да лажам, тука сум да го истепам“, изјави Бронер.
.@mannypacquiao vs. @AdrienBroner – January 19 on SHOWTIME PPV #PacquiaoBroner pic.twitter.com/uIkiuJ0XCl
— SHOWTIME Boxing (@ShowtimeBoxing) November 19, 2018