Данецот Мадс Педерсен направи вистинска сензација на уличната трка на Светското првенство во Јоркшир, Англија, победувајќи во спринтот пред Италијанецот Матео Трентин и Швајцарецот Штефан Кинг, откако Холанѓанецот Матју ван дер Пел удри во ѕид како лидер на 13 километри пред крајот на трката.
23-годишниот Данец се покажа како најсилен од водечкото трио по шест и пол часа на велосипед во 261 километри долгата улична трка која заврши во Херогејт. Победата е уште поспектакуларно ако се знае дека Педерсен потфрли на последното искачување Оук Бек на 5 километри пред крајот, но на крајот имаше повеќе сила за победа во финишот.
Трикратниот светски шампион, Словакот Петер Саган заврши како петти откако направи тактичка грешка и чекаше предоцна за спринтот.
Лошото време во Англија ги примора организаторите да ја скратат трката, а голем број на велосипедисти не ја завршија трката, како актуелниот шампион Алехандро Валверде и шампионот од 2012, Белгиецот Филип Жилбер.