Швајцарскиот тенисер, Роџер Федерер призна јавно колку тешко му падна поразот во финалето на неофицијалното светско тениско првенство, гренд-слемот Вимблдон.
Швајцарецот во мечот за титулата во 5 сета и 5 часа игра загуби од Новак Ѓоковиќ иако во петтиот сет, при резултат 8-7 за него имаше сервис и две меч топки за трофеј. Ѓоковиќ направи брејк, па подоцна во тај-брејк во 25 гем ја однесе победата.
На Федерер и месец дена по поразот не му е јасно што му се случи кога контролата беше негова.
„Имам флешбекови на тоа финале, ги паметам и добрите и лошите моменти. После неколку дена размислував што се случи, имам за што да жалам. Семејниот одмор ми ги одвлече мислите, патувавме низ Швајцарија и 10 дена не сум фатил рекет в рака“ – вели Федерер.
Швајцарскиот ас потенцира дека што се вратил на тениските тренинзи, флешбековите му се вратиле.
„Повторно се присеќавам на Вимблдон. Детално го анализирам секој потег и се обидувам да научам нешто ново. Тие порази ме мотивираат да се вратам подобар и да се обидам да освојам големи титули“ – вели Швајцарецот.
Федерер не настапи на Роџерс купот во Канада, но на останатите турнири на кои настапува секогаш стигнува далеку, па затоа иако има полни 38 години, се уште е на високото трето место на АТП листата.