Top Sport

Почина Борис Спаски

Легендарниот советски и руски шаховски велемајстор Борис Спаски, светски шампион од 1969 до 1972 година, почина еден месец по неговиот 88. роденден, соопшти Руската шаховска федерација.

„Огромна загуба за шаховскиот свет и за земјата“, ги објави Сојузот зборовите на новинарот на ТАСС, Андреј Карташов, кој го интервјуираше Спаски во 2017 година.

Спаски, кој ја претставуваше Франција од 1982 до 2013 година, беше десетти светски шампион.

Од 2010 година и смртта на Василиј Смислов до овој четврток, тој беше најстариот жив човек со таа титула.

Роден во 1937 година во Ленинград, Спаски стана велемајстор во 1955 година.

Во три наврати играше за светската титула, загуби од Тигран Петросијан во 1966 година, но се реваншираше три години подоцна, а Спаски е запаметен по дуелот во 1972 година.

Тоа беше антологиски меч во Рејкјавик против Боби Фишер, кој се смета за најгледан меч во историјата на шахот, па оттука и името „Меч на векот“.

Се разбира, малкумина го гледаа тој дуел надвор од призмата на Студената војна.

Епилог: Фишер победи со 12,5 – 8,5, а Спаски им се замери на властите во родната земја, поради што тие двајца се најдоа на истата страна од Железната завеса 10 години подоцна.

Спаски исто така беше двократен шампион на СССР (1961 и 1973 година).

Scroll to Top