Top Sport

Последниот човек кој го победи Тајсон сега е дрвосечач (видео)

Мајк Тајсон останува едно од најголемите имиња во светскиот бокс и покрај тоа што не е активен повеќе од 15 години, и најавите за негово враќање во рингот ги возбудија сите фанови. Но, што е со Кевин Мекбрајд, боксерот кој беше последниот кој го победи „Челичниот“?

Крајот на кариерата на Тајсон се навестуваше во средината на 2000-тите, кога загуби три од своите четири мечеви. Последниот меч го имаше во јуни 2005, кога беше нокаутиран во шестата рунда од анонимниот Ирец, Кевин Мекбрајд.

Но, кариерата на 47-годишниот Мекбрајд не тргна во нагорна линија по славната победа и тој се пензионираше во 2011 и сега заработува пари како дрвосечач во Масачусетс, САД.

„Сега работам со дрва. Сечам дрва, чистам снег, викам ’тимбер’ и такви работи. Добро е. Зафатаен сум и главната работа ми е да кревам работи“, вели Мекбрајд.

Иако мечот меѓу двајцата падна во заборав, сега по најавите за камбек на Тајсон, повторно стана интересен.

„Сега почесто ме прашуваат за тоа поради неговиот камбек и ми се допаѓа што сум последниот кој го победил. Не седам дома и ги разгледувам снимките од мечот, но неодамна некој го постави тоа на Фејбук и се потсетив. Остварување на сонот, нели?“, вели Мекбрајд.

Тајсон загуби двапати од Ивандер Холифилд во 1996 и 1997, но потоа имаше шест меча без пораз, со четири победи и два меча без победник, по што доби нова шанса за титулата во тешка категорија против Ленокс Луис, во кој беше нокаутиран во осмата рунда.

Потоа следуваа анонимни противници. Тој го победи Клифорд Етјен во 2003, но загуби од Британецот Дени Вилијамс и потоа од Мекбрајд за крај на кариерата.

Мекбрајд потоа потпиша договор со Дон Кинг и го совлада Бајрон Поли во следниот меч, но загуби во шест од следните седум меча.

Scroll to Top