Top Sport

Прво па Индијан Велс – Осака го крена трофејот

Јапонката Наоми Осака со 6:3/6:2 ја збриша Дарја Касаткина во финалето на Индијан Велс, добивајќи ја битката меѓу двете тенисерки од кои ќе се очекува многу во иднината, и го крена својот прв ВТА трофеј.

Се очекуваше пресметката меѓу двете 20-годишни девојки да биде потесна, но Осака бргу ја заврши работата за да стане најмладата шампионка во Индијан Велс по Ана Ивановиќ во 2008 година.

Светската тенисерка број 44 во Индијан Велс имаше фантастични две недели – победувајќи ги Марија Шарапова, Агњешка Радвањска, Каролина Плишкова и Симона Халеп на патот до финалето, каде што за победата доби чек од 1.3 милиони долари, со што речиси ја удвои заработувачката од тенисот. Таа ќе скокне на 22. место на ВТА листата во понеделник.

Касаткина може да се утеши со одличната недела во која ги мина Слоун Стивенс, Каролине Вознијацки, Анџелике Кербер и Венус Вилијамс, топ 20 тенисерки и гренд слем шампионки.

Фото: ЕПА

Scroll to Top