Top Sport

Путин: Русија нема да ги спречува спортистите да одат во Пјеонгчанг

Рускиот претседател, Владимир Путин, вели дека Русија нема да ги спречи своите спортисти да се натпреваруваат на Олимпијадата во Пјеонгчанг во февруари 2018 ако го сакаат тоа, ставајќи крај на шпекулациите за можен бојкот на Игрите по суспензијата доделена од ИОЦ.

ИОЦ во вторникот донесе одлука дека рускиот тим нема да може да настапи на Зимската олимпијада поради докази за „историска систематска манипулација“ на анти-допинг системот, но остави простор „чистите“ руски спортисти да се натпреваруваат под име „Олимписки спортисти од Русија“. Путин вели дека нема да има бојкот.

„Немајте сомнеж, нема да објавиме блокада и да ги спречиме нашите олимпијци да учествуваат на Игрите, ако некој од нив го сака тоа“, вели Путин во интервју за државната ТВ.

Во првиот настап по суспензијата, но и по објавата дека ќе се кандидира повторно за претседател на Русија, Путин влезе во напад на Григориј Родченков, поранешниот шеф на анти-допинг лабораторијата во Москва за неговите обвинувања за државен допинг-систем, по кој дојде до суспензијата.

„Одлуката на ИОЦ е донесена на база на сведочење на човек чии морални и етички односи, но и психолошки проблеми поставуваат многу прашања. Повеќето обвинувања се базирани на недокажани факти. Секако, ние имаме дел од вината, бидејќи им дадовме причина за казната. Но, не ми е јасно зошто нашите олимпијци нема да можат да настапуваат под руското знаме и националните симболи ако нема доказ за државен допинг? Казнете ги тие кои се виновни“, додаде Путин.

ИОЦ ја исфрли Русија од Олимпијадата во Пјеонгчанг!

Scroll to Top