Италијанскиот тенисер Матео Беретини, говорел за Големата тројка во овој спорт Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер и ги споредил со најголемите кошаркари во историјата на НБА лигата.
„Надал е исклучително силен. Тој е тенискиот Леброн Џејмс, двајцата „експлодираа“ многу млади. Федерер би го споредил со Мајкл Џордан, додека Ѓоковиќ ме потсеќа на Коби Брајант, бидејќи секогаш е со „ладна глава“ во тешките моменти“, рекол Беретини во интервју за „Ла Стампа“.
Новак, Рафа и Роџер доминираат во светскиот тенис долги години, но Беретини верува дека тоа може да се смени почнувајќи од оваа година.
„Тие и понатаму имаат предност кога се во прашање гренд слем турнирите, но другите тенисери им се доближија. Тим веќе ја отклуча вратата, го освои Ју-Ес опен, Медведев ме импресионираше, мислам дека и тој може да освои гренд слем трофеј“, рекол 10 играч на АТП листата.