Top Sport

Рафа во битка со времето за настап во Лондон

Рафаел Надал би можел да биде подготвен за настап на АТП финалето во Лондон откако медицинските тестови покажале дека нема ново оштетување на старата повреда на коленото.

Светскиот број 1, кој на Мастерсот во Париз го запечати првото место на АТП листата за 2017, по што се повлече од четврт-финалето на турнирот поради враќање на проблемите со десното колено, беше неизвесен за настап на елитниот турнир за осумте најдобри тенисери на светот.

Ова е вторпат во две недели Шпанецот да се повлече од турнирот поради повреда по одлуката да не игра во Базел, но неговиот доктор Анхел Руиз Которо вели дека повредата не е сериозна. 31-годишниот Шпанец сега оди на интензивна програма за рехабилитација пред настап на турнирот во Лондон, каде што никогаш не победил.

„Не се работи за нова повреда, ниту повреда која е влошена. Не се работи за различна ситуација од стартот на азиската турнеја. Ова беше тешка година со многу натпревари, така што нормален е заморот“, вели Которо за шпанскиот весник „Ел еспањол“.

Шефовите во Лондон ќе бидат израдувани од одлуката тој да игра во „О2 Арената“ откако загубија многу ѕвезди поради повреди. Енди Мареј, Новак Ѓоковиќ, Стен Вавринка, Кеи Нишикори и Милош Раонич, кои настапија лани, оваа година паузираат поради повреди, и организаторите се надеваа на дуел меѓу Надал и неговиот стар ривал Роџер Федерер.

Scroll to Top