Рафаел Надал дефинитивно ќе биде запишан како еден од најдобрите тенисери во историјата, и еден од најдобрите шпански спортисти, но неговиот чичко и долгогодишен тренер Тони Надал вели дека цената која е платена е превисока.
„Рафа живее со болки и со апчиња против болки од 2005 година. Со тоа најдобро се гледа колку тој жртвувал за успехот и неколку пати ми кажа дека би сменил многу победи за помалку болка“, изјави Тони Надал, кој од оваа година се фокусира на работата на академијата на Надал во Мајорка, наместо на патувањето со неговиот внук.
Повредите никогаш не биле „лесни“ за Надал, така што е уште поневеројатно што е веднаш зад стариот ривал Роџер Федерер по бројот на гренд слем титули, но и на АТП листата. Најголем проблем влечеа неговите колена, но имаше повреди и на стапалата, грбот, зглобот на раката и бутниот мускул. Тој беше на операција на слепото црево во 2015 година, а пред два месеци го повреди колкот во четврт-финалето на Австралија опен против Марин Чилиќ.
По ова, тој се повлече од турнирите во Акапулко, Индијан Велс и Мајами, најавувајќи враќање за неговата омилена подлога, земјата. Неговиот стил на игра, исто така влијае на неговите повреди, а самиот признава дека многуте турнири на хардкорт подлога ги влошиле работите. Надал во својата автобиографија призна дека генетско заболување на стапалото во 2005 година за малку ќе ја прекратело неговата кариера на 19 години.
„Специјалистот кај кого отидовме ни кажа дека сме завршени. Од 2005 тој постојано живее во болки и немаше добра тренинг сесија. Речиси секогаш завршувавме со средства против болки бидејќи ситуацијата стануваше неиздржлива“, додава Тони Надал.
Фото: ЕПА