Третото издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“ ќе има рекорден број учесници. Точно 1.585 натпреварувачи се пријавени на 5 и 10-километарските трки, како и тимбилдинг-трките во двете делници.
Kомплетниот тим што стои позади проектот „Охрид трчаТ“ им се заблагодарува на сите пријавени и ги повикува оние кои не учествуваат в недела, на 2 јуни, да излезат и да ги бодрат учесниците низ улиците на Охрид.
Подигнувањето на стартните пакети за учеството на атлетската манифестација ќе биде в сабота, на 1 јуни, од 9 до 20 часот на градскиот плоштад.
Програмата на Атлетскиот викенд почнува в петок, на 31 мај, со Ноќната трка. Учеството на Ноќната трка е бесплатно, а на целта ќе има концерт во живо и паста-забава.